
ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ: НАНТ – ВАРДАР
22/10/2026Вардар ја продолжи победничката серија во домашното првенство откако на гостувањето кај Прилеп славеше со 38-29 (16-14). Црвено-црните го решија натпреварот со одлична игра во второто полувреме, а најрасположен беше Јака Малус со 11 погодоци.
Само три дена по големиот европски триумф над Нант во Франција, Вардар повторно излезе на терен и ја оправда фаворитската улога. И покрај скратеното време за одмор и подготовка, екипата не му дозволи на домаќинот да поведе во ниту еден момент од натпреварот.
Вардар добро го отвори дуелот и по головите на Малус, Митровиќ и Георгиевски поведе со 6-3 во десеттата минута. Предноста потоа се зголеми на 9-6, но Прилеп не се предаде и со серија успеа да израмни на 11-11.
Црвено-црните брзо ја вратија контролата. Матео Фадуил беше сигурен од линијата за седум метри, а Малус продолжи да ја погодува домашната мрежа. На полувремето Вардар замина со предност од 16-14.
Прилеп на почетокот на вториот дел се доближи на 15-16, но тоа беше последниот посериозен обид на домаќинот да го направи натпреварот неизвесен. Головите на Гоце Георгиевски, Јака Малус и Милан Лазаревски донесоа водство од 19-16, по што Вардар целосно го презеде натпреварот.
Васил Гогов беше сигурен на голот, додека одбраната почна да создава можности за лесни погодоци од контранапад. Во 44. минута Вардар поведе со 28-22, а набргу разликата порасна на 31-23.
До крајот тренерот Иван Чупиќ им даде можност на сите ракометари од составот. Кристијан Анастасовски го постигна својот гол за 37-29, а Урош Митровиќ со последниот погодок ги постави конечните 38-29.
Најефикасен беше Јака Малус со 11 гола од 13 обиди. Урош Митровиќ постигна осум, Матео Фадуил пет и додаде осум асистенции, додека Гоце Георгиевски и Жуниор Тузолана постигнаа по четири гола. Васил Гогов го заврши натпреварот со 14 одбрани.
Со новата победа РК Вардар останува со максимален ефект во Супер машката лига и во победничко расположение го очекува следниот европски предизвик – дуелот со Мелсунген на 28 октомври во СЦ „Јане Сандански“.
ПРИЛЕП – ВАРДАР 29-38 (14-16)
Вардар: Гогов (14 одбрани), Валах; Стојановски 2, Георгиевски 4, Кеита, Митровиќ 8, Нечовски 2, Љевар, Лазаревски 1, Жуниор Тузолана 4, Анастасовски 1, Малус 11, Ѓорчески, Фадуил 5.
Прилеп: Шипинкоски 7, Марковски 6, Цветаноски 5, Тренчевски 4, Кастратовиќ 2, Лозаноски 1, Крстески 1, Димитриоски 1, Стојановски 1, Трајкоски 1.









