
Вардар се врати во мечот, но Висла ги однесе бодовите од Скопје
09/10/2026
Вардар – Висла 08.10.2026
09/10/2026По натпреварот од ЕХФ Лигата на шампионите меѓу РК Вардар и Орлен Висла Плоцк, кој гостите го добија со 32-26, се одржа официјалната прес-конференција. Пред медиумите зборуваа Иван Чупиќ и Жоао Педро од Вардар, како и тренерот Хавиер Сабате и Пшемислав Крајевски од Висла.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, истакна дека екипата лошо го започнала натпреварот и ја презеде одговорноста за одлуката во одреден период да се игра „седум на шест“.
„Лошо го отворивме натпреварот. Знаевме дека во текот на сите 60 минути ќе имаме проблеми во нападот и се подготвувавме за тоа. Работевме на играта ‘седум на шест’, со четворица бекови, како и на нашиот стандарден напад ‘шест на шест’. Знаевме дека постојано ќе треба да се приспособуваме и да не му дозволиме на противникот лесно да се адаптира.
Имавме периоди во двете полувремиња кога нашиот напад изгледаше добро. Сепак, моја грешка беше одлуката да преминеме на игра ‘седум на шест’. Примивме три или четири лесни гола на празна мрежа. До тој момент нашата одбрана беше добра, компактна и агресивна, но таа одлука го наруши нашиот ритам. Идејата не помина онака како што планирав и одговорноста е моја“, изјави Чупиќ.
Жоао Педро: Мораме да продолжиме да го претставуваме Вардар со гордост
Жоао Педро не го криеше разочарувањето од резултатот, но порача дека екипата мора да продолжи да работи и достоинствено да го претставува клубот.
„Бев многу мотивиран за овој натпревар бидејќи имавме голема можност да стигнеме до нашата прва победа во Лигата на шампионите. Како играчи, сите сме разочарани бидејќи работите не се одвиваа онака како што посакувавме.
Во овој момент не знам точно зошто се случи тоа. Ќе мора повторно да го погледнеме натпреварот и добро да го анализираме. Секако дека сум многу разочаран.
Ни остануваат уште три натпревари и мораме да го претставуваме клубот на најдобар можен начин. Ќе продолжиме напорно да работиме, ќе се обидеме да стигнеме до победа во Лигата на шампионите и да го претставуваме Вардар со гордост“, изјави Жоао Педро.
Крајевски: Во Плоцк ќе биде уште потешко
Ракометарот на Висла, Пшемислав Крајевски, истакна дека гостинската екипа добро го подготвила натпреварот, но веднаш ги насочи мислите кон следниот дуел со Вардар.
„Очекувавме тежок натпревар во текот на сите 60 минути, но многу добро го подготвивме секој детаљ. Мислам дека тоа беше клучот за денешната победа. Секако, можеме малку да прославиме, но не смееме да заборавиме дека веќе следната среда повторно ќе играме против Вардар. Сигурно ќе биде уште потешко и мораме да бидеме подготвени за следниот натпревар“, изјави Крајевски.
Сабате: Да се победи во Скопје е многу тешко
Тренерот на Висла, Хавиер Сабате, им честиташе на своите ракометари, а имаше и пофални зборови за атмосферата во СЦ „Јане Сандански“ и за поддршката што навивачите му ја даваа на Вардар.
„Сакам да ѝ честитам на мојата екипа бидејќи е многу, многу тешко да се победи овде. Атмосферата е фантастична, а навивачите се неверојатни и постојано го поддржуваат својот тим. Последен пат бев тука, ако не се лажам, во 2017 година и многу добро знам како е да се игра во ваква атмосфера.
Мислам дека нашата екипа покажа голем карактер и зрелост во текот на сите 60 минути. Сезоната е долга и ова е само третото коло, но освоивме два многу важни бода. Сега мораме добро да се одмориме бидејќи имаме многу напорен распоред и да се подготвиме за неделниот натпревар во полската Суперлига.
Сметам дека Вардар е многу силна екипа. Тоа го покажа на натпреварите против Нант и Мелсунген, како и против Охрид пред неколку дена. Сепак, повеќе сакам да зборувам за мојата екипа. Со нашата игра го спречивме Вардар да настапи на своето вообичаено ниво.
Нашите одбрана и напад беа одлични и многу константни во текот на сите 60 минути. Не му дозволивме на Вардар да игра на нивото што го прикажуваше досега во сезоната“, изјави Сабате.









