
Чупиќ и Гогов пред дербито: Да ја потврдиме фаворитската улога со добра игра и победа
30/10/2026
Вардар – Еурофарм Пелистер
01/11/2026Вардар го освои првото македонско ракометно „Ел Класико“ сезонава! Пред исполнетите трибини во СЦ „Јане Сандански“, црвено-црните одиграа моќно, борбено и дисциплинирано и заслужено го совладаа Еурофарм Пелистер со убедливи 31-23 (15-12).
Уште од почетокот беше јасно дека Вардар е решен бодовите да останат во Скопје. Со цврста одбрана, сигурни голмани и брза транзиција, нашиот тим по почетните 2-2 направи серија од три гола и поведе со 5-2.
Гостите се обидоа да го променат текот на натпреварот со игра „седум на шест“, но вардаровата одбрана остана концентрирана. Црвено-црните ја контролираа играта, а на паузата заминаа со предност од три гола – 15-12.
Еурофарм Пелистер на почетокот од второто полувреме успеа да се доближи на 16-15, но тоа беше и последниот сериозен обид на гостите да се вратат во натпреварот. По тајмаутот на Иван Чупиќ следуваше силен одговор на Вардар – четири последователни погодоци и водство од 20-15.
Од тој момент на теренот постоеше само една екипа. Одбраната ги затвори сите приоди кон голот, нападот функционираше сигурно, а секоја грешка на противникот беше казнета. Вардар најпрво поведе со 22-16, а потоа стигна и до највисоките осум гола предност, 25-17.
Васил Гогов имаше значајна улога во клучниот период од натпреварот. Покрај важните одбрани, нашиот капитен двапати ја погоди празната противничка мрежа и дополнително ја крена атмосферата во „Јане Сандански“. Добар почетен импулс меѓу стативите даде и Милош Валах.
Во нападот најефикасен беше Леон Љевар со седум погодоци, Жоао Педро да Силва постигна шест, додека Матео Фадуил четирипати се запиша во листата на стрелците. Сепак, убедливата победа беше резултат на колективната игра, борбеноста и огромната желба на целиот тим.
До последниот звук на сирената Вардар сигурно ја контролираше предноста и го потврди триумфот со конечни 31-23.

Ова беше деветта победа за Вардар во деветтиот натпревар од домашното првенство. Црвено-црните остануваат со максимален ефект и цврсто на врвот на табелата.
Голема благодарност до нашите навивачи и до „Комити“, кои уште еднаш го исполнија нашиот дом и создадоа атмосфера достојна за најголемото македонско ракометно дерби.
Ова беше заедничка победа – на екипата и на трибините!
Вардар – Еурофарм Пелистер статистика од натпреварот – Вардар – Еурофарм Пелистер









