
ВО ПРОДАЖБА БИЛЕТИТЕ ЗА ВАРДАР – ВИСЛА ПЛОЦК
01/10/2026
Вардар – Охрид
04/10/2026Вардар ја продолжи победничката серија во Супер машката лига, откако во СЦ „Јане Сандански“ убедливо го совлада Охрид со 27-18 (14-6). Нашиот тим ја забележа петтата победа во петтиот натпревар од новата сезона и го задржа лидерското место на табелата.
Поради ограничувањето на бројот на странски ракометари, во составот за овој натпревар не беа Урош Митровиќ, Мартин Бомаштар, Махамаду Кеита и Жуниор Тузолана. Во тимот се вратија Жоао Педро да Силва и Марио Стојановски.
Вардар од почетокот наметна цврста игра во одбраната. Абделхак Мохаб ги постигна првите два гола за нашиот тим, а Јака Малус погоди за почетно водство од 3-1.
Охрид се доближи на 4-3 во деветтата минута, но потоа следуваше период на целосна доминација на црвено-црните. Одбраната функционираше одлично, Милош Валах редеше интервенции, а гостите речиси 13 минути не успеаја да постигнат гол.
Жоао Педро да Силва, Вукашин Воркапиќ и Малус ја зголемија предноста на 8-3. Охрид го прекина долгиот период без погодок во 22. минута, но Вардар продолжи со сигурната игра.
Леон Љевар двапати беше прецизен за 10-4, Матео Фадуил погоди од седум метри, а Мохаб зголеми на 12-5. Милан Лазаревски и Љевар ги постигнаа последните два гола во првото полувреме, па на паузата заминавме со убедливи 14-6.
Сликата на теренот не се промени ниту во вториот дел. Со головите на Мохаб, Фадуил, Жоао Педро и Виктор Јанковски, предноста продолжи да расте. Во 41. минута Гоце Георгиевски погоди за првото двоцифрено водство, 20-10.
Љевар веднаш потоа го погоди празниот гол за 21-10, а Жоао Педро со три погодоци во краток период ја однесе предноста до 24-12.
Највисокото водство на натпреварот беше 26-13 во 47. минута, по новиот погодок на Љевар. Охрид одговори со серија од 3-0, но победникот веќе беше решен. Мохаб го постигна последниот гол за Вардар, а гостите со два погодоци во завршницата го поставија конечниот резултат, 27-18.
ВАРДАР – ОХРИД 27-18 (14-6)
Стрелци за Вардар: Фадуил 5, Мохаб 5, Љевар 5, Жоао Педро 4, Воркапиќ 3, Малус 2, Георгиевски 1, Лазаревски 1, Јанковски 1.
Одбрани: Валах 9, Гогов 6.









