
Вардар со победа се враќа од гостувањето во Куманово
13/09/2026РК Вардар в среда, 16 септември, од 18,45 часот го пречекува Нант во СЦ „Јане Сандански“, во второто коло од Лигата на шампионите. По доброто издание и тесниот пораз на гостувањето кај Мелсунген, црвено-црните пред својата публика ќе ја бараат првата европска победа сезонава.
Пред натпреварот, на официјалната прес-конференција своите очекувања ги споделија тренерот Иван Чупиќ и Јака Малус.
Малус очекува Вардар да ја продолжи успешната серија на домашен терен.
„Сакаме да ги освоиме првите бодови во Лигата на шампионите. На домашен терен немаме пораз повеќе од една година и сакаме да продолжиме во ист ритам и оваа сезона. Во натпреварот влегуваме оптимистички. Добро сме подготвени тактички, психички и физички. Ќе го дадеме максимумот и со поддршка од трибините ќе одиме по првите бодови во Лигата на шампионите. Со големи очекувања и голема желба го чекаме натпреварот“, изјави Малус.
Тренерот Иван Чупиќ со почит зборуваше за квалитетот на францускиот состав, но нагласи дека Вардар има јасна цел пред својата публика.
„За Нант можам да кажам само убави зборови – и за тренерот и за целиот состав. Секако, имаме свои желби и надежи да дојдеме до двата бода и до првата победа во оваа сезона од Лигата на шампионите. Сакаме да ја почувствуваме вистинската поврзаност со нашата сала и веруваме дека тоа може да ни помогне да стигнеме до победата. Првите бодови би ни значеле многу и би биле голем ветер во грб за натпреварите што нè очекуваат до крајот на првата фаза“, истакна Чупиќ.
Предводникот на црвено-црните информираше и за состојбата со повредените играчи. Милан Лазаревски и Милан Бомаштар нема да настапат, додека конечната одлука за Жоао Педро ќе биде донесена по последниот тренинг.
„Лазаревски сигурно нема да биде со нас, а нема да настапи ниту Бомаштар. Лазаревски веќе извесно време има проблем со рамото. Работи и тренира, но одвоено од тимот, па нема да биде со нас и на овој натпревар. Секој ден е подобар, но сè уште не е подготвен да работи со тимот.
Бомаштар повторно почувствува болка во грбот на вчерашниот тренинг, така што нема да може да ни помогне. Педро е во завршната фаза од закрепнувањето. Го имаме последниот тренинг и потоа заедно ќе одлучиме што е најдобро. Се надевам дека, во споредба со натпреварот против Мелсунген во Касел, ќе бидеме посилни и ќе имаме поголема ротација со Педро.
Ќе ја следиме неговата состојба до утре напладне. Ако се чувствува добро, ќе биде во составот. Ако ситуацијата е 50-50, сигурно нема да ризикуваме. Во овој момент сите останати играчи се на располагање. Сепак, имаме уште еден тренинг, а никогаш не се знае што може да се случи со ситни болки или вирози“, објасни Чупиќ.
За Јака Малус, настапот во „Јане Сандански“ во дресот на Вардар претставува посебен мотив.
„Мислам дека секој натпревар за мене е голема мотивација. Како што кажав и кога дојдов, имав можност да играм во ‘Јане Сандански’ кога Вардар беше во своите најдобри години, а сега можноста да настапувам тука во дресот на Вардар е уште поголема мотивација.
Дерби-натпреварите ми се голема мотивација, како и европските натпревари во Лигата на шампионите. Најголема мотивација е да настапуваш во најелитното натпреварување во ракометот. Мотивацијата ми е на највисоко ниво. Едвај чекам да заврши последниот тренинг, да се одмориме и да излеземе на теренот“, дополни Малус.
Чупиќ нагласи дека карактерот и односот на играчите му даваат верба дека Вардар може да одигра уште еден квалитетен европски натпревар.
„Кога работиш со оваа група играчи, кога секој ден си во сала и гледаш како се борат, колку се мотивирани, колку сакаат и колку едвај го чекаат почетокот на натпреварите во Лигата на шампионите – уште од првиот ден на подготовките до денес – тие ми даваат самодоверба. Ми даваат верба дека имаме добар и карактерен тим. Поради тоа чувствувам ентузијазам и голема желба и едвај го чекам нашиот прв домашен натпревар во Лигата на шампионите.
Не можам да кажам дека чувствувам некаков посебен притисок. Но, нормално е кога си тренер или играч на Вардар, на секој натпревар да мораш да победиш. Тоа доаѓа со работата“, заврши Чупиќ.
Натпреварот меѓу РК Вардар и Нант се игра в среда, од 18:45 часот, во СЦ „Јане Сандански“.









