
ВО ПРОДАЖБА СЕ БИЛЕТИТЕ ЗА ДУЕЛОТ ВАРДАР – НАНТ
05/09/2026По петгодишна пауза, Вардар повторно ќе настапи во Лигата на шампионите. Новата европска сезона за црвено-црните почнува во четврток со гостување кај германскиот Мелсунген.
Натпреварот ќе се одигра во салата во Касел, со почеток во 20,45 часот. Ова ќе биде првото коло од групата Б во новата сезона на најквалитетното европско клупско натпреварување.
Вардар и Мелсунген добро се познаваат од минатата сезона, кога одиграа два меѓусебни натпревари во Европската лига. Сега следува нова пресметка, во различни околности и на повисоко натпреварувачко ниво.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, очекува сосема поинаков натпревар и нагласува дека германскиот тим ќе треба да ја потврди фаворитската улога на теренот.
„Нормално е дека сега ќе биде различно. Ова е сосема друго натпреварување и друг дел од сезоната. Кога игравме против нив минатата сезона, тие веќе имаа доволно бодови, а во тој период имаа и многу повредени ракометари. Сега се комплетни, а станува збор и за отворање на Лигата на шампионите. Затоа очекувам сосема поинаков натпревар.
Ние во моментов сме во малку незгодна ситуација. Не се сите ракометари здрави и имаме одредени проблеми. Тешко дека на почетокот ќе можеме да настапиме со поширок состав. Го имаме тоа што го имаме, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат работите.
Секако дека би бил задоволен со победа. Со што друго би можел да бидам задоволен?
Тешко е да се зборува пред почетокот и пред првиот натпревар. Вардар е млада екипа, условно кажано. Во сегашниот состав нема многу ракометари со искуство од настапи во Лигата на шампионите. Можеби само двајца или тројца имаат такво искуство, но не треба премногу да зборуваме за тоа.
Имаме уште три-четири дена за да го подготвиме натпреварот. Се надевам дека добро ќе се подготвиме и дека ќе отпатуваме подготвени да се докажуваме. Нормално е Мелсунген да ја има фаворитската улога, но тие ќе треба да го покажат тоа на теренот. Ние, пак, треба да покажеме дека сме подготвени за Лигата на шампионите и за еден сериозен натпревар“, изјави Чупиќ.
Капитенот и голман на РК Вардар, Васил Гогов, потенцира дека тимот се враќа на најголемата европска сцена со голем потенцијал, но и со свест дека е потребна уште многу работа.
„Ни следува првиот натпревар во Лигата на шампионите. По пет години повторно се враќаме во ова натпреварување. Нè очекува многу тежок и квалитетен противник, кој располага со голем број квалитетни ракометари. Можам да кажам дека добро се познаваме, бидејќи во изминатите две години се сретнавме неколку пати.
Претходните натпревари беа во Европската лига, а сега играме во Лигата на шампионите. Можам да кажам дека ова е едно ниво погоре. Точно е дека ги победивме и на домашен и на гостински терен, но не можам да кажам дека тоа беа лесни победи. Тогаш тие настапија со скратен состав и имаа проблеми со повредени и болни ракометари.
Во македонското првенство има ограничување на бројот на странски ракометари, па не можеме да настапиме со комплетен состав и со сите играчи. Во текот на пријателските натпревари и турнири имавме проблеми со болести и повреди. Поради тоа, не успеавме да се комплетираме и да го покажеме сето она што го работиме на тренинзите.
Секако, имаме уште многу работа за да бидеме на сто проценти. Не успеавме да одработиме доволен број заеднички тренинзи. Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме и секој од нас да го даде својот максимум.
Мелсунген има многу квалитетни ракометари и широк ростер. Опасни се и од девет и од шест метри. Доколку треба да издвојам од каде доаѓа најголемата опасност, тоа е од левата бековска позиција“, изјави Гогов.
Досегашни меѓусебни средби на Вардар и Мелсунген
15.10.2024 MT Melsungen vs HC Vardar 1961, EHF European League – Group F 34:18 (17:10)
26.11.2024 HC Vardar 1961 vs MT Melsungen, EHF European League – Group F 32:30 (17:17)
24.02.2026 HC Vardar 1961 vs MT Melsungen, EHF European League – Main Round Group III 37:33 (18:19)
10.03.2026 MT Melsungen vs HC Vardar 1961, EHF European League – Main Round Group III 25:34 (12:17)









