
Вардар по голема борба минимално поразен од Нант
16/09/2026Вардар беше минимално поразен од Нант со 32-33 во второто коло од Лигата на шампионите. По драматичниот натпревар во исполнетиот СЦ „Јане Сандански“, своите впечатоци на официјалната прес-конференција ги споделија тренерите Иван Чупиќ и Грегори Кожан, како и Васил Гогов и Иан Тарафета.
Иван Чупиќ, тренер на Вардар
„Најпрво, честитки до Нант. Како што кажаа тренерот и Тарафета, ова беше навистина луд натпревар – вистински ролеркостер.
Почнавме многу добро, а потоа Нант стигна до предност од четири или пет гола. Тие направија неколку грешки, а ние имавме среќа што на полувремето заостанувавме само еден гол.
Второто полувреме беше неверојатно за двете екипи. Имаше многу необични ситуации во нападот и многу важни моменти за голманите. Во текот на целото второ полувреме се играше гол за гол.
На крајот, секако дека сме разочарани. Можеби Нант имаше малку повеќе среќа, можеби беше и малку поискусен од нас во Лигата на шампионите, но на крајот ги заслужи двата бода.
Ние треба да учиме од овој натпревар, да работиме понапорно и подобро и да се обидеме да напредуваме до следниот домашен натпревар против Плоцк.
Сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи и на полната сала. Беше навистина неверојатно повторно да се доживее ваква атмосфера, сега и во мојата тренерска улога. Енергијата од трибините беше неверојатна во текот на целиот натпревар.
Јас сум навикнат на оваа публика, но мислам дека за момците од Нант ова беше првпат овде и дека доживеаја нешто ново и убаво. Благодарам на сите што дојдоа и нè поддржуваа од првата до последната минута.“
Васил Гогов, голман на Вардар
„Најпрво сакам да му честитам на гостинскиот тим и да им се заблагодарам за добриот натпревар.
Можам да кажам дека сме малку фрустрирани, бидејќи на два натпревара по ред во Лигата на шампионите сме многу блиску, а сепак сè уште сме далеку од бодовите.
Сепак, добро е што знаеме дека сме на нивото на најдобрите екипи. Знаеме што треба да правиме и на што треба да работиме. Ќе се обидеме да напредуваме и да бидеме подобри на секој следен натпревар.“
Грегори Кожан, тренер на Нант
„Најпрво, честитки до Скопје. Ова беше луд натпревар. Вардар одигра многу добро. Знаевме дека ќе биде многу тешко да се игра и да се победи овде.
Многу сме среќни, а вечерва имавме и малку среќа. Одигравме силен натпревар, а атмосферата беше неверојатна.
Како и за Иан, и за мене ова беше првпат во Скопје и беше навистина посебно. Честитки за атмосферата и за натпреварот.
Малку сме разочарани бидејќи вечерва имавме и една сериозна повреда, но победивме. Ги освоивме двата бода и на крајот можеме да бидеме задоволни.“
Иан Тарафета, играч на Нант
„Ова беше луд натпревар. За мене ова беше прво гостување кај Вардар и со нетрпение очекував да играм тука и да ја почувствувам оваа атмосфера.
Навистина беше неверојатно – навивачите, атмосферата и екипата. Мислам дека ова беше многу цврст натпревар од почетокот до крајот.
Многу сме среќни поради победата. Ова беше натпревар исполнет со многу емоции. Двата бода се наши и навистина сме многу задоволни.“









