
Вардар останува перфектен – сигурен триумф во Прилеп со 38-29
24/10/2026
ВО ПРОДАЖБА БИЛЕТИТЕ ЗА ДЕРБИТО ВАРДАР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
27/10/2026Црвено-црните во среда го играат последниот натпревар сезонава во ЕХФ Лигата на шампионите. Желбата е европскиот настап да заврши со победа пред исполнетите трибини во „Јане Сандански“.
Вардар во среда, 28 октомври, од 18,45 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе го пречека МТ Мелсунген, во натпреварот од последното, шесто коло од групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите.
Црвено-црните немаат можност за пласман во главната фаза и европскиот настап ќе го продолжат во ЕХФ Европската лига, но дуелот со германскиот состав носи голем мотив. Вардар сака со втора победа да го заврши настапот во европската елита и на најдобар начин да им се оддолжи на навивачите за поддршката.
Мелсунген доаѓа во Скопје со шест освоени бода и сè уште е во игра за едно од двете места што водат во главната фаза. Германскиот тим во претходното коло ја совлада Висла Плоцк со 28-26, а пред последната рунда Мелсунген, Висла и Нант имаат по шест бода.
Првиот меѓусебен натпревар сезонава, одигран во Касел, му припадна на Мелсунген со 33-31. Вардар тогаш до самиот крај беше во игра за позитивен резултат, а сега ќе има можност за реванш пред своите навивачи.
Екипата на Иван Чупиќ го очекува натпреварот во победничко расположение, по триумфите над Нант, Бутел и Прилеп. Особено значајна беше победата во Франција, каде Вардар одигра одличен натпревар и го совлада Нант со 33-27.
Тренерот Иван Чупиќ посочи дека последниот натпревар во Лигата на шампионите е прашање на гордост, чест и одговорност кон навивачите.
Иван Чупиќ – тренер на РК Вардар:
„Пред нас е уште еден натпревар во ЕХФ Лигата на шампионите и, за жал на сите нас, последен сезонава во ова натпреварување. Одигравме пет натпревари, а ни останува уште еден. МТ Мелсунген сигурно доаѓа во Скопје решен да се бори за место во главната фаза.
Моето размислување е многу едноставно. По двата пораза во ‘Јане Сандански’, сега станува збор и за нашата гордост и чест. Оваа сала и нашите навивачи, кои нè поддржуваа на највисоко ниво на двата домашни натпревари во Лигата на шампионите, заслужуваат да го завршиме настапот со победа.
Сакаме да победиме не само за клубот и да ја продолжиме победничката серија, туку пред сè за да им возвратиме на навивачите – луѓето што секогаш се зад нас и постојано ни даваат дополнителна сила.
Победивме во Нант и, дај Боже, ако во среда го совладаме и Мелсунген, тоа ќе биде награда и за навивачите кои никогаш не се откажуваат од нас. Пред нас е целата сезона во македонското првенство, регионалната лига и ЕХФ Европската лига. Сакаме салата и понатаму да биде исполнета, а Вардар и нашиот домашен терен повторно да станат тврдина.“
Голманот Милош Валах, кој имаше 17 одбрани во големата победа над Нант, очекува максимално мотивиран РК Вардар и втор триумф во Лигата на шампионите.

Милош Валах – голман на РК Вардар:
„Ова е нашиот последен натпревар во Лигата на шампионите. Знаеме дека повеќе немаме можност за пласман во следната фаза, додека МТ Мелсунген сè уште се бори за продолжување на натпреварувањето.
Сепак, знаеме дека ќе играме во ЕХФ Европската лига и сакаме во тоа натпреварување да влеземе со две победи од Лигата на шампионите зад нас, а не само со една.
Добро се подготвуваме за натпреварот и пред нас е многу важна недела. За нас би било многу значајно настапот во Лигата на шампионите да го завршиме со втора победа.“
Ни останува уште еден натпревар во Лигата на шампионите. Да го наполниме „Јане Сандански“ и заедно да се избориме за победнички крај на европската есен!

ВАРДАР – МЕЛСУНГЕН
Среда, 28 октомври 2026 година
18,45 часот
СЦ „Јане Сандански“
Билетите чинат 400, 500 и 600 денари и се достапни онлајн:
https://vtickets.mk/event/rk-vardar-1961-mt-melsungen/238









