
Вардар – Охрид
04/10/2026Вардар во четврток од 20,45 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја пречека Висла Плоцк во третото коло од ЕХФ Лигата на шампионите. Тренерот Иван Чупиќ и капитенот Васил Гогов очекуваат тежок натпревар против еден од најквалитетните европски состави, но веруваат дека со силна енергија, добра игра и поддршка од полните трибини „црвено-црните“ можат да стигнат до првите бодови.
Висла во Скопје пристигнува со искусен и квалитетен состав, но Гогов потенцира дека атмосферата и работата на тренинзите му даваат право на Вардар да верува во позитивен резултат.
„Нè очекува многу тежок натпревар против квалитетен противник, кој во својот состав има голем број искусни и квалитетни ракометари. На секој тренинг го даваме максимумот, тренираме добро и имаме одлична атмосфера и енергија во екипата. Имаме доволно време да се подготвиме и да го анализираме противникот. Ќе дадеме сè од себе и се надевам дека пред полна сала и пред нашите одлични навивачи ќе се израдуваме на првите бодови во Лигата на шампионите“, изјави Гогов.
Капитенот на Вардар смета дека на вакво ниво тешко се пронаоѓаат слабости кај противникот, па затоа неговата екипа ќе мора да понуди повеќе енергија и желба за победа.
„На ова ниво и кај толку квалитетни екипи има многу малку слабости. Нашата задача е да имаме повеќе енергија и поголема мотивација од противникот. Играме на домашен терен и се бориме за првите бодови во Лигата на шампионите. Се надевам дека токму тоа ќе биде нашата предност. Против Охрид одигравме квалитетно во одбраната и верувам дека таа треба повторно да биде на висината на задачата. Секако, можеме да одиграме и подобро и продолжуваме напорно да работиме“, дополни Гогов.
Тренерот Иван Чупиќ има голема почит кон полскиот тим, кој во последните сезони се наметна како една од водечките сили во европскиот ракомет.
„Висла е екипа која припаѓа меѓу десетте или дванаесетте најдобри во Европа. Долго време се заедно, имаат ист тренер и имаат континуитет. Нивните резултати во Полска и во Лигата на шампионите доволно зборуваат за квалитетот и амбициите на клубот. Келце долго време доминираше во полскиот ракомет, но во последните пет-шест години Висла се наметна како водечка сила. Тоа доволно покажува каков противник ни доаѓа во Скопје“, истакна Чупиќ.
Стручниот штаб детално ги анализира нападот и одбраната на Висла, а Чупиќ очекува неговите ракометари да го одиграат најдобриот натпревар во нападот од почетокот на сезоната.
„Добро се подготвуваме, имаме добра енергија и добро тренираме. Ги анализираме сите сегменти од играта на Висла, и во нападот и во одбраната. Според мене, Висла во моментов ја игра најдобрата одбрана во Лигата на шампионите. Имаат тројца одбранбени специјалисти, многу се подвижни, агресивни и играат специфично.“
„Нашиот напад мора да биде најдобар досега во оваа сезона. Мора да одиграме подобро отколку против Охрид, но и подобро отколку на натпреварот со Мелсунген. Сите сегменти мора да бидат на највисоко ниво – одбраната, враќањето, транзицијата и постигнувањето лесни голови. Сепак, ако треба да изберам еден клучен сегмент, тоа ќе биде нападот“, нагласи Чупиќ.
Вардар одигра два квалитетни натпревари на почетокот од сезоната во Лигата на шампионите, но добрите изданија не беа наградени со бодови. Чупиќ посакува тоа да се промени против Висла.
„Во ‘Јане Сандански’ никој не смее лесно да одигра и лесно да ги освои бодовите. Сакам нашиот домашен терен да биде тврдина. Досега имавме две добри изданија за кои не бевме наградени, а сега сакаме тоа да го крунисаме со победа. Нашата желба е по три одиграни кола да ги имаме првите два бода“, порача Чупиќ.









