Недановски пред дуелот со Татран: Ќе направиме сè да бидеме први во групата
08/02/2023Вардар го победи Татран со „петка“ – сега е блиску до првото место во групата
10/02/2023На 14,5 години Филип Талески дебитираше во СЕХА-Газпром лигата и во ЕХФ лигата на шампионите, а со 19 години веќе го направи првиот интернационален трансфер. Сега е повторно во татковината, и е меѓу најдобрите играчи, не само во Вардар туку и во целата домашна лига во Македонија, и во репрезентацијата.
Имаше можност во кариерата да работи со познати светски имиња како Лино Червар, Николај Јакобсен, Вселин Вујовиќ, Давид Дејвис… Но, вистински експлодираше и ја потврди својата играчка зрелост кај Владо Недановски. Сега Филип Талески е „прва виолина“ во Вардар, бек со силен шут, и кога на тимот не му оди тој има решение.
Прераснува во лидер, во носител на играта кој знае да ја преземе одговорноста во клучните моменти. Тренерот му дава шанса, а тој возвраќа со добри игри и голови.
„ Се покажува последниве сезони дека тоа е добра одлука на тренерите бидејќи ми даваат шанса и доверба. Прво од доаѓањето на Недановски како замена на Веселин Вујовиќ, па доаѓањето на Давид Дејвис кога повторно имаше инструкции од Недановски и забелешка дека треба повеќе да играм. И тоа го покажав најдобро на терен кога се решаваше титулата и купот. Потоа продолжив и во домашното првенство кое станува се посилно. Има добри екипи и играчи и треба на секој мече да се игра максимално, вели Филип Талески кој не само што игра во напад туку истовремено се бори и во одбрана со противничките играчи.
Сега како „еден од најважните“ и притисокот е поголем, одговорноста, очекувањата. Сега на секој шут се гледа, се мери секој потег. Се е поинаку од порано.
„Го сфатив тој момент, и го гледам тоа. Сакам да се фокусирам, на тренинг сакам и треба да го дадам максимумот од себе. Една реченица од Стојанче Стоилов ќе ја паметам цел живот, кога дојдов во Вардар. И Лино Червар ни го зборуваше тоа во Металург, но не го разбиравме тогаш бидејќи бевме многу млади. Кога ќе го почувствуваш тоа на сопствена кожа потоа го применуваш. Затоа и Стоилов велеше „Ако си 100 отсто на тренинг, ќе бидеш исто и на натпревар. Може да се случи еден меч да бидеш лош, но не може константно да биде лошо. И затоа почнувајќи од тренингот, од самото загревање, јас максимално влегувам во тренингот. Секогаш ќе има и грешки. Тие порано повеќе ми влијаеа на самодовербата, но сега тоа го разбирам, и сакам да ги надминам. Не треба да имаш технички грешки, бидејќи тие прават поголем стрес, а не промашениот шут. Имам поддршка од тренерот Недановски, од Стоилов, Манасков, Георгиевски, сите тие кои се повозрасни и поискусни. Да, гледаат дека можат со мене да имаат решение кога треба, но и јас со нивна помош сум ги решавал тие ситуации, вели Талески.
Многу рано замина во странство. Му требаше време да се адаптира, да созрее, да се најде себе си. Сега е веќе играч кој знае што сака, и како да стигне до тоа. Не смета дека заминувањето за Германија му било грешка тогаш во кариерата.
„Секогаш има период на адаптација и период на барање. Од оваа гледна точка тоа заминување во странство беше прерано, но е и едно искуство. Заминав на 19 години во Германија. Не играв таму, и тоа е факт. Ако останев дома можеби ќе беше поинаку. Но, работев со светски тренер како што е Николај Јакобсен, па иако не играв, научив доста од него и применувам многу финеси што сум ги земат. Враќањето во Македонија ме освести целосно. Ги увидов пореално работите. Првата година беше без публика, празни сали поради корона вирусот, и без притисок. Пак не играв во Вардар иако беше Македонец тренер. Не го добив тоа што ми беше ветување. Во Германија станав и семеен човек, добив и дете. Сега после 3-4 години сите работи легнаа. Сега истите цели кога бев дете повторно ги гледам појасно.
А целите на секој играч се да биде најдобар, да освојува трофеи. Но, не секогаш може се да се оствари и се одеднаш. Треба време, работа, некогаш и среќа.
„Се чувствувам спремен да о постигнат тоа што го сакам, но во спортот не можеш да сакаш и да кажеш „е сега ќе биде“. Можеби во Вардар ќе останам долго, и ќе играме Лига на шампиони. Можеби со Вардар ќе се случи пак истото како со претходната генерација. Сонот секако е освојување на Лига на шампиони, да се биде најдобар играч. Ако отидам на друго место, прашање е дали јас ќе се вклопат таму, дали коцките ќе се поклопат. Но, јас се чувствувам спремен и тоа треба да го покажувам на терен. Не треба да се задоволувам, туку секој тренинг, секој мече е ново докажување за мене, смета Талески..
Сега тој е идол на младите. После секој меч сакаат да се фотографираат со него, да добијат автограм. Но, не така одамна и тој имаше свој идол, а во ракометот стигна по желба на мајка му.
„ На тако ми колега му беше Свето кој работеше во салата во Автокоманда, а на мајка ми при срце и беше ракометот. Така прашавме дали може да одам на тренинг кај нив. Ме примија во академијата на Металург што тогаш ја водеше Александар Јовиќ, и се направи добра екипа. Потоа се тргна на добро. И кога почнав да гледам ракомет идол ми беше Филип Јиха. Кога првпат играв со Металург во Кил и го сретнав Филип, не можев да верувам дека тоа не е сон. Сакам и некогаш да заиграм за Кил, да бидам најдобра на свет, но треба многу да се поклопи.
СЕХА-Газпром лигата ќе биде место каде со не полни 15 години ќе игра заедно со Павел Атман, Ренато Вугринец, Дарко Станиќ. И Талески добро се сеќава на тој прв меч.
„Како нема да се сеќавам. Игравме против Партизан, и јас постигнав 4 гола. По натпреварот првпат бев на прес-конференција пред новинарите. Тоа беше екипа на Металург во која играа многу ѕвезди, како Атман, Вугринец, Станиќ, Мојсовски, се присетува Талески.
Сезонава во СЕХА-Газпром лигата Вардар има малку набиена агенда, и во февруари ќе ги одигра сите четири натпревари по што ќе се знае патот до Ф4 турнирот. Талески еднаш веќе играше на Ф4 турнирот со Вардар каде македонскиот првак загуби од Веспрем. Сега се надева дека ќе имаа шанса повторно да биде дел од најдобрата четврока.
„Лани несреќно загубивме од Нексе на пенали. Целите на Вардар секогаш се да биде во врвот, во првенството, Купот, СЕХА – ГАзпром лигата. Секогаш сакаме да играме во финале и да се бориме за титула. Неколку играчи бевме на СП 2023 и веднаш потоа отидовме да играме во Прешов. Имаме и доста нови играчи, и ни треба време да се вклопи се. Покажавме дека можеме да играме добро, само ни треба време. Ќе биде доста напорно, сега почнува и домашното првенство. Професионалци сме, знаеме дека тоа ни е работа. Можеме и секој втор ден мечеви, но за тоа живееме и работиме. Ќе атакуваме на тој Ф4. Треба со Татран дома да постигнеме победа со повисока разлика од првиот меч. Целта е да се бориме и да играме за прво место во групата. Со повеќе екипи СЕХА беше уште подобра. Се задржа квалитетот, но е мал бројот на мечеви.
Јануари, а особено февруари се тешки месеци. Тогаш формата се подобрува, се работи на тоа секој меч да се биде подобар и подобар. Навивачите очекуваат победи и добра игра.
„Би требало за најважните мечеви да бидеме во топ форма. Навивачите знаат и ние го сакаме истото како и тие – победи. Февруари ќе биде тежок. Ни почнува сега брзо и домашното првенство, и можеме сега да ги видиме нашите пропусти, и да подобриме сите елементи во играта и да ги дочекаме сите следни натпревари подготвени.
Вардар сезонава повторно имаше промени во екипата. Заминаа доста играчи, сега на полусезона дојдоа неколкумина нови. Сега ростерот е поинаков, ама менталитетот остана ист.
„Силата на Вардар е токму тој менталитет. Во соблекувалната се уште живее тој шампионски дух. Го чувствувам преку Стојанче Стоилов. Преку се, самото влегување негово во соблекувална покажува дека Вардар е тоа што треба да биде. И во соблекувалната и салата, па и сите тие постери што постојат по ходниците во салата, пред влезот на соблекувалната. Вардар е европски шампион, и така треба да биде.
Талески ја игра својата трета сезона во Вардар, а можеби ќе остане уште некоја плус.
„Сега треба прво да разговарам со нашиот претседател. Имавме разговор пред СП, но онака за екипата, очекувањата, за СП. Сега треба да договараме што понатаму. Се надевам тоа ќе биде најдобро, вели Талески.
И додека тој е на крстопат дали да остане во Вардар или да замине, ривалите секогаш подготвуваат тактика како да го сопрат, како да не постигнува голови. Некогаш се груби, а тоа го покажува и фактот што досега сезонава уште двапати мораше да задолжува нов дрес. Претходните дресови не издржаа.
„Среќа што дресовите се со добар квалитет, па само два досега ми скинаа. Имам еден дрес што го носам во домашно првенство, а е само малку скинат, но тој е амајлија и не го менувам, вели Талески.