
Продажба на билети за мечот Вардар – Еурофарм Пелистер
02/06/2025
Вуко Борозан останува “црвено-црн”: Продолжува со Вардар уште една сезона
19/06/2025Ракометниот клуб Вардар добива сериозно засилување во стручниот штаб за следната сезона. Легендарниот хрватски голман Марио Келентриќ ќе биде новиот тренер на голманите на сениорскиот тим, носејќи богато искуство и енергија.
Келентриќ, кој беше дел од златната генерација на Хрватска што ја освои светската круна во 2003 година во Португалија и среброто на Олимписките игри во Атина 2004, ќе работи со голманите на првиот тим, со цел подигнување на нивото на индивидуалната подготвеност.
Досегашниот тренер на голмани, Стојан Петрушевски, останува дел од стручниот кадар и ќе биде задолжен за развојот на млади таленти низ младинските категории, како и за скаутирање на нови имиња – со цел создавање на квалитетен домашен производ за иднината на Вардар.
Келентриќ во својата богата кариера ги бранеше боите на клубови како Загреб, Целје, Метковиќ, Тусем Есен, Мелсунген, а како тренер работеше во Гумерсбах, каде последниве четири години беше задолжен за сите категории на голмани во клубот. Работел и со репрезентацијата на Босна и Херцеговина, а краток период мина и во ППД Загреб и Слога Добој.
Во својата прва изјава како член на Вардар, Келентриќ изјави:
„Со гордост можам да кажам – станувам дел од една голема ракометна приказна! Се приклучувам на клуб со богата историја и незаборавни успеси. По неколку потешки години, верувам дека Вардар се враќа на вистинскиот пат. Ја почувствував новата енергија и јасната визија на враќање кон врвот, и токму затоа решив да бидам дел од овој предизвик. Ќе го вложам целото срце, знаење и искуство, бидејќи верувам во овој проект. Ајде заедно да го вратиме Вардар таму каде што припаѓа – на врвот!“