
Во продажба билетите за Вардар – МТ Мелсунген
20/10/2026Вардар утревечер му гостува на Нант во петтото коло од групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите. Натпреварот во „Х Арена“ почнува во 20,45 часот, а црвено-црните најавуваат максимално борбено издание и желба за првата победа во елитното натпреварување.
Ова ќе биде втора пресметка меѓу двете екипи сезонава. Во првиот натпревар во Скопје се водеше голема борба до последните секунди, а Нант славеше со минимални 33-32 (16-15). Вардар поведе со 3-0, во продолжението постојано беше во игра за бодовите, но Ноам Леополд со погодок од седум метри на осум секунди до крајот му ја донесе победата на францускиот тим.
Црвено-црните во Франција пристигнуваат по уште еден драматичен европски натпревар и минималниот пораз од Висла во Плоцк со 33-32. Нант, пак, во минатото коло убедливо го совлада Мелсунген со 33-25.
Во составот на Вардар се враќа Урош Митровиќ, кој ја одработи суспензијата од четири натпревари и првпат сезонава ќе може да настапи во Лигата на шампионите. Тренерот Иван Чупиќ нема да може да смета на Мохаб Абделхак, кој има здравствен проблем, како и на Махамаду Кејта, кој поради вироза не отпатува со екипата. Во ростерот се враќа и Марио Стојановски.
Чупиќ: Во Нант мораме да покажеме вистински гард и став
„Сакаме да победиме и да останеме конкурентни, како што бевме досега. Знаеме дека е многу тешко да се победи во Нант. Не сакам да размислуваме дека само добро издание и добар впечаток ќе бидат доволни. Во Нант мора да се бориме, да покажеме вистински гард и вистински став, како и секогаш досега. Тоа никогаш не смее да изостане.
Ова се тешки моменти. Имавме големи очекувања и се надевавме дека ќе ја поминеме групната фаза. Сепак, сакаме да испратиме порака за во иднина дека сме живи и конкурентни и дека оваа екипа е во процес на развој. Секој натпревар во Лигата на шампионите за нас е како финале. Мора да се претставуваме како што треба и сакаме да учиме од секој натпревар.
Го имаме Урош, но го немаме Мо. Тој има проблем и не патуваше со нас, па повторно остануваме со само еден десен бек. Урош сигурно ја заслужува оваа шанса. Со начинот на кој тренира и работи, како и со сè што направи минатата сезона, заслужува да игра повеќе и повеќе да ни помага. Сега, кога сме без Мо, ќе добие вистинска шанса.
Ќе бидеме и без Кејта, кој има вироза и не можеш да патува со нас. Малку сме тенки во ростерот, но се враќа Урош, а Педро може да покрие две позиции. Се враќа и Марио, така што сме покриени на левото крило.
Урош со својата работа минатата сезона многу ни помогна да избориме настап во Лигата на шампионите. Ќе добива поголема шанса и верувам дека ќе продолжи по патот од минатата сезона. Мо во овој момент се профилираше како прва опција, но секој натпревар е можност за докажување.
Не само од Урош, туку од сите очекувам борбен и машки натпревар од наша страна. Верувам дека среда ќе биде наш ден“, изјави Чупиќ.
Митровиќ: Ќе дадеме сè што имаме за победа
По пауза од четири натпревари, Урош Митровиќ повторно е на располагање и подготвен да ѝ помогне на екипата.
„Желбата остана тука, не замина. Секогаш се подготвував за овие натпревари во Лигата на шампионите и ја чекав својата шанса. Конечно, по месец и половина, ми истече казната од четири натпревари и сега можам да играм и да ѝ помогнам на екипата.
Не знам дали тоа што немаме притисок може да биде олеснување, но секако ќе играме до крај и ќе го дадеме максимумот. Иако немаме шанси да ја поминеме групата и ќе продолжиме во Европската лига, каде што игравме и минатата сезона, нема причина да не играме со 100 проценти и да бараме победа“, изјави Митровиќ.









