
Вардар – Висла 08.10.2026
09/10/2026Црвено-црните во среда од 20,45 часот му гостуваат на тимот на Орлен Висла Плоцк во четвртото коло од ЕХФ Лигата на шампионите. Иван Чупиќ очекува напредок во двата правци, додека Вукашин Воркапиќ најавува максимална борба за првата победа.
Вардар го очекува вториот натпревар против Орлен Висла Плоцк во период од само шест дена. По дуелот во Скопје, кој полскиот тим го доби со 32-26, црвено-црните гостуваат во Плоцк со желба да одиграат подобар натпревар и да се изборат за првите бодови во Лигата на шампионите.
Во првите три кола РК Вардар покажа дека може рамноправно да се носи со силните европски екипи, особено на натпреварите против Мелсунген и Нант. Тренерот Иван Чупиќ очекува неговите ракометари да ги поправат грешките од првиот дуел со Висла и со поголема самодоверба да влезат во новата пресметка.
„Секогаш кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да бидете подобри. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нивниот терен. Не мислам дека пред нашите навивачи одигравме толку лошо како што можеби изгледаше поради доминацијата што ја покажа Висла.
Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за подобрување во нашата игра, како во одбраната така и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме силен и квалитетен натпревар.
Сакаме повторно да се претставиме во позитивно светло во Лигата на шампионите. Во преостанатите три натпревари, исто како и во првите три, сакаме да бидеме конкурентни и да се бориме за нашите први бодови и првата победа. Сакаме и понатаму да имаме за што да играме и да продолжиме да напредуваме“, изјави Чупиќ.
Вукашин Воркапиќ смета дека екипата мора да извлече поука од првиот натпревар, да ги поправи грешките и да покаже уште поголема борбеност во Плоцк.
„Теоретски сè е можно, иако реално веројатно немаме многу шанси. Што се однесува до првиот натпревар, не знам дали навистина го дадовме сето она што беше во рамките на нашите можности, но тоа не беше доволно. Навистина се обидовме, но сега мораме да се прегрупираме, да извлечеме поука од грешките и да поправиме сè што може да се поправи.
Ќе дадеме сè од себе овој натпревар да биде поинаков, да понудиме уште повеќе, да ги исправиме грешките и да ги освоиме двата бода што сите со нетрпение ги очекуваме. Единствениот начин да стигнеме до тие два бода е со вистински пристап и вистинска енергија. Тоа е суштината. Ќе дадеме сè што имаме“, изјави Воркапиќ.
Натпреварот меѓу Орлен Висла Плоцк и Вардар се игра во среда, со почеток во 20:45 часот.









