
ПОСТАПКА ЗА АКРЕДИТИРАЊЕ ЗА МЕЧЕВИТЕ ОД ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА СЕЗОНАТА 2026/27
03/09/2026Вардар ја започна новата сезона во Супер машката лига со убедлива победа над Еурофарм Пелистер 2 со 31-19. Црвено-црните ја изградија клучната предност уште во првото полувреме, кое го добија со 18-9.
Само два дена по освојувањето на Суперкупот на Македонија, Вардар повторно излезе на терен и со победа ја почна одбраната на шампионската титула. Во малата сала во СЦ „Јане Сандански“, избраниците на Иван Чупиќ ја оправдаа фаворитската улога и без поголеми проблеми ги освоија првите бодови во сезоната 2026/27.
Стручниот штаб го распореди товарот и им даде минутажа на повеќе ракометари, додека дел од носителите на играта добија одмор пред претстојните европски обврски. Натпреварот беше одбележан и со дебито на голманот Милан Бомаштар, кој во второто полувреме мина 22 минути на теренот и запиша пет одбрани.
Гостите од Битола добро го отворија натпреварот и во воведните десет минути успеваа да одржат резултатска рамнотежа. На семафорот стоеше 4-4, но потоа Вардар ја засили играта во одбраната и почна да постигнува лесни голови преку брзиот центар.
Со серија од четири погодоци, црвено-црните поведоа со 8-4. Еурофарм Пелистер 2 кратко одговори и се доближи на 9-7, но тоа беше последниот период во кој гостите беа во сериозна резултатска игра.
Вардар повторно ја зацврсти одбраната, ги принуди гостите на грешки и со нова серија од 4-0 стигна до 13-7. Младите битолчани намалија на 14-9 во 24. минута, но до крајот на првото полувреме не постигнаа ниту еден гол.
Црвено-црните го искористија тоа и со четири последователни погодоци заминаа на пауза со убедливи 18-9. Тоа беше и највисоката предност во првите 30 минути.
Веќе на почетокот од второто полувреме разликата стана двоцифрена. Со головите на Мохаб Абделхак, Леон Љевар, Кристијан Анастасовски, Жуниор Тузолана и Матео Фадуил, Вардар стигна до највисоки 23-10.
Еурофарм Пелистер 2 одговори со четири гола во серија и намали на 23-14, по што Иван Чупиќ побара минута одмор. Вардар повторно ја воспостави контролата и не дозволи гостите дополнително да ја намалат разликата.
Во завршните десетина минути следуваше нова серија на домашниот тим. Урош Митровиќ постигна три последователни гола, а во листата на стрелците се запишаа и Никола Нечовски и Бобан Поповски. Конечните 31-19 ги постави Поповски во последната минута.
Најефикасен во составот на РК Вардар беше Матео Фадуил со шест гола. Урош Митровиќ и Жуниор Тузолана постигнаа по пет, а Гоце Георгиевски натпреварот го заврши со четири погодоци. Бобан Поповски постигна три гола.
Вардар реализираше шест од седумте удари од седум метри, а дури единаесет ракометари се запишаа во листата на стрелците.
ВАРДАР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 31-19 (18-9)
РК Вардар: Фадуил 6, Митровиќ 5, Тузолана 5, Георгиевски 4, Поповски 3, Анастасовски 2, Абделхак 2, Нечовски 1, Љевар 1, Ѓорчески 1, Јанковски 1.









