
Билети за мечот Вардар – Тулуз
27/11/2025Вардар утре го игра последниот меч од групната фаза на Лига Европа, и во Скопје гостува екипата на Тулуз. Мечот нема резултатско значење за двете екипи, бидејќи Вардар сигурно е пласиран во Топ-16, а Тулуз тука го завршува играњето во Европа.
Тренерот Иван Чупиќ посакува победнички крај на групната фаза од Лигата на Европа и нова радост за навивачите.
„Добра недела е зад нас, две важни победи против Сесвете за пласман во ТОП 16 и потоа во дербито со Охрид. Ни доаѓа Тулуз, овој натпревар нема значење, но играме добро, се спремивме добро и сакаме да запишеме уште една победа да го завршиме групниот дел без пораз на домашен терен. Сакаме да им покажеме на нашите навивачи како Вардар сака да игра на секој натпревар и тоа е мотив за утрешниот натпревар. Мора да дадеме се од себе, со енергија, со говор на тело, со позитива меѓу нас“, изјави Чупиќ.
Левото крило Марио Стојановски смета дека може да се очекува триумф.
„Добро го имаме анализирано Тулуз, треба само да го спроведеме на теренот тоа што ни го кажа стручниот штаб на чело со Иван Чупиќ и одиме на победа“, изјави Стојановски.
Натпреварот меѓу Вардар и Тулуз се игра утре од 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.









