
📷 Вардар – Алкалоид (09.11.2025)
09/11/2025Ракометарите на Вардар во вторник (18:45 ч.) го пречекуваат Кристијанштад во СЦ „Јане Сандански“, во дерби на вториот круг од групната фаза на ЕХФ Европската лига. По минималниот пораз во Шведска, „црвено-црните“ бркаат нова домашна победа за враќање на врвот на табелата – моментално Кристијанштад има 5 бода, Вардар е на 4.
Чупиќ: „Клучот е дисциплина во трчањето и помалку технички грешки“
Тренерот Иван Чупиќ на официјалната прес-конференција истакна дека анализата по поразот во Шведска јасно ги посочила сегментите за подобрување.
„Нè чека реванш со Кристијанштад. Иако немавме многу време меѓу натпреварите, направивме добри тренинзи и одигравме детална анализа. Нападот 6 на 6 беше добар, но имавме многу технички грешки во транзиција и во трчањето – токму тоа го казнуваат скандинавските екипи. Една од главните задачи е поголема дисциплина во трчањето. Пред нашата публика мора да важиме за фаворит и да одиграме за победа. Ги повикувам навивачите да направат вистинска атмосфера и да ни помогнат да ја освоиме првата позиција.“
Чупиќ додаде дека групата е израмнета и дека исходите ќе се кристализираат дури во последните кола.
„Сакаме да се вратиме по серијата без пораз што ја прекинавме во Шведска. Чекор по чекор – прво овој меч, па потоа следните два. По зимските подготовки очекувам Вардар да биде најдобар од февруари до јуни. Свесен сум каде сум дојден – Вардар секогаш мора да победува.“
Гогов: „Максимум на теренот за враќање на првото место“
Голманот Васил Гогов порача дека тимот е решен да ги коригира грешките од првиот дуел:
„Во Шведска направивме многу пропусти. Овие денови работевме да ги сведеме на минимум. Ќе дадеме максимум за да се вратиме на првото место во групата.“
Вардар – Кристијанштад
ЕХФ Европска лига, групна фаза
Вторник, 18:45 ч., СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
Билети на – https://ticketx.com.mk/events/vardar-kristianstad









