Шампионскиот дух се уште живее во соблекувалната на Вардар
08/02/2023ВАРДАР – ТАТРАН ПРЕШОВ
10/02/2023Вардар ја оствари втората победа во регионалната СЕХА-Газпром лигата, откако на домашен терен славеа над словачкиот првак Татран Прешов со 29-24. Македонскиот првак цело време го контролираше мечот, водеше и со осум гола разлика, на крајот малку попушти во нападот, но сепак славеше со потребната разлика и сега има подобар меѓусебен скор со Татран пред последниот дуел со Партизан.
Во последното коло Вардар гостува на крај на февруари во Белград кај Партизан, и од тој меч зависи дали „црвено-црните“ ќе завршат како првопласирани во групата. Сега шансите се реални бидејќи имаме разлика од „плус 5“ од првиот меч од Скопје.
На дуелот со Татран се играше „гол за гол„ на стартот, до 6-6, а потоа тргна серија на вардарци од три гола преку Манасков, Дутра и Георгиевски за 9-6. Бековската линија на Татран не беше закана за Томовски, па Вардар се одлепи на 11-7.
Избраниците на Владо Недановски ја одржуваа предноста до крајот на полувремето, иако имаа шанса и за плус шест, но Мишевски се сплетка во контрапанадот. На пауза се замина со 15-10 за Вардар.
Стартот на вториот дел исто така беше во знакот на Вардар, кој преку Чувара и Моралес зголемија на 17-10, беше и 18-11. Томовски фати зицер, потоа и пенал, па уште еден зицер, па Татран не успеа да ја намали негативата.
Нападот на Вардар влезе во мала криза, па промашија Моралес, Карапалевски и потоа Манасков од пенал. Татран намали на минус четири, 19-15, но Талески погоди по подолго време за 20-15.
Томовски одбрани во следната акција, гостите уште еднаш згрешија и Вардар си ги врати плус седум, 22-15 на десет минути до крајот. Беше и 23-16, а следните акции на македонскиот шампион завршија преку Аларов и Атанасовски за 25-17.
Немаше многу дилеми околу победникот до крајот на мечот и натпреварот заврши со посакуваните плус пет за вардарци, 29-24. Најдобри стрелци кај Вардар беа Чувара со пет, како и Моралес, Дутра Фереира и Георгиевски со по четири гола.
Голманот Томовски беше одличен на вардаровиот гол и забележа 12 интервенции, а запре и два пенали на гостите. Кај нив се истакнаа Рабек со десет, како и Касаткин и Митал со по три гола.
Следниот натпревар во битката за првото место во групата, Вардар ќе го игра на 28 февруари на гости во Белград кај Партизан. Потоа словачкиот и српскиот претставник ќе одиграат два меча меѓусебе, по кои ќе биде познат конечниот пласман.
Доколку „црвено-црните“ бидат првопласирани ќе играат со вториот од групата на Еурофарм Пелистер, Војводина и Нексе, а доколку се втори ќе се соочат со првопласираниот од таа група.
- Статистика од натпреварот VArdar – Tatran 29-24