
Победата ни избега во последните секунди: Вардар и Мелсунген одиграа 26-26
28/10/2026Вардар в недела го пречекува Еурофарм Пелистер во дербито од деветтото коло во Супер машката лига. Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ ќе започне во 17,45 часот.
„Црвено-црните“ зад себе имаат напорен период со голем број натпревари во домашното првенство и во Лигата на шампионите, но тренерот Иван Чупиќ очекува екипата да одговори на предизвикот и со победа да замине на репрезентативната пауза.
„Се надеваме дека ќе играме пред полна сала, во добра атмосфера и со голема поддршка од нашите навивачи. Сакаме да продолжиме со победите во македонското првенство.
Знаеме дека првенството е маратон и дека има уште многу до крајот. Сè уште сме на почетокот од сезоната, но секој бод ни е многу важен. Ја знаеме нашата крајна цел.
По домашното дерби со Охрид, сега ни доаѓа Еурофарм Пелистер. Дербито секогаш носи многу тензија и емоции од двете страни и сигурно нè очекува тежок натпревар.
Добро се подготвуваме, ја прифаќаме фаворитската улога и очекувам в недела да одиграме квалитетно, да победиме и успешно да го заокружиме овој дел од сезоната пред репрезентативната пауза“, изјави Чупиќ.
Капитенот Васил Гогов потенцира дека заморот од напорниот распоред мора да биде оставен настрана кога следува најголемото дерби во македонскиот ракомет.
„Нашата цел е да ја одбраниме шампионската титула. Зад нас е еден тежок месец, со многу натпревари и тренинзи. Заморот е присутен, но кога доаѓаат вакви натпревари, сето тоа се остава настрана.
Мотивацијата и енергијата се присутни во екипата. Ќе дадеме сè од себе и се надевам дека ќе играме пред полна сала и во одлична атмосфера. Посакувам на крајот заедно со нашите навивачи да се радуваме на нова победа“, изјави Гогов.
Натпреварот меѓу РК Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се одигра в недела, на 1 ноември, од 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.









